Македонија
10. September 2017 - 15:18

БЕСА: Во Гостивар ќе водиме позитивна кампања

Движењето БЕСА, синоќа во ново отврениот предизборен штаб на гостиварскиот огранок, официјално ги претстави кандидатот за градоначалник, носителот на листа и дел од програмата за локалните избори.

Кандидат за градоначалник е Асаф Адеми, а носител на листата за членови на Советот на општина Гостивар е Арафат Шабани.

Во обраќањето пред сопартијците и претставниците на медиумите, Адеми нагласи дека ќе водат позитивна кампања, без навреди и, како што рече, нема да се занимаваат со политичките конкуренти. Притоа ги најави приоритетите од предизборната програма.

- Нашиот фокус ќе биде на отворање нови работни места, на подобрување на условите во училиштата кои се во катастрофална состојба. Планираме инвестиции во инфраструктурата и отворање голем и модерен спортски центар. Предвидовме изградба на пречистителна станица за отпадни води и гасификација на градот, за што веќе стапивме во контакт со релевантна компанија, рече кандидатот за градоначалник Адеми.

Носителот на листата, Шабани ги соопшти и имињата на кандидатите кои ќе се најдат на листата за членови на советот на општината, а во обраќањето нагласи дека „Гостивар прво треба да се ослободи, потоа да се развива“.

- Никој друг тоа нема да го направи за нас, туку самите треба да го направиме, подвлече Шабани.

Обраќања пред членовите имаа и шефот на изборниот штаб Имрли Асани и пратеникот Фадиљ Зендели.