Македонија
17. January 2019 - 11:02

Берово се подготвува за карневалот „Ратевски Бамбурци“

Повеќе од три илјади посетители и 300 учесници, според најавите, ќе бидат дел од 11-от по ред карневал „Ратевски Бамбурци“, што љубоморно ја чува традицијата на жителите на беровско Ратево, стара 600 години. Таканаречените „Бамбурци“ се група луѓе кои се маскираат во кожи што достигнуваат тежина и до 70 килограми.

Претседателот на здружението граѓани „Ратевски Бамбурци“ Зоран Аговски информира дека подготовките за овогодишниот карневал се при крај, така што во недела Ратево уште еднаш ќе биде домаќин на старата беровска традиција.

– Речиси сите поканети фестивалски групи го потврдија своето учество што значи дека ќе имаме над 300 учесници кои со своите маски ќе го збогатат карневалот. Како организатори исто така ги финализиравме подготовките, за во недела да имаме уште едно успешно издание на карневалот. Според она што ни го кажувале нашите предци станува збор за традиција стара 600 години, кога поради појава на болест, тогашните жители на Ратево со маски ги бркале лошите духови и болеста од селото. Традицијата и денеска, по шест века и по 11 пат, како карневал ќе се оддржи во Ратево, вели Аговски.

 
Карактеристично за „Ратевските бамбурци“ е тоа што карневалот е исклучиво за мажи. Како што велат организаторите, доколку учесниците во карневалот забележат девојче под маска, веднаш го одстрануваат и го обојуваат на лице со црна боја.
 
– Тоа е дел од традиционалниот ритуал на карневалот, каде само машки можат да дефилираат на карневалот. Јас како најмлад член, учесник на карневалот, задолжена сум да бидам со таканаречениот женски дел од карневалот, каде со традиционална носија ќе ги играме традиционалните македонски ора, истакна Никица Аврамска, учесник на овогодишниот карневал.
 
Локалниот обичај поврзан со „Ратевските Бамбурци“ започнува рано наутро на 20 јануари на денот посветен на Св. Јован Крстител и има една цел, со танцот на Бамбурците да се избрка злото од Малешевијата.