Свет
20. February 2017 - 13:01

Берлин бара од Берн одговори за рестартираната нуклеарка

Германското министерство за екологија и нуклеарна безбедност побарало официјално појаснувања од швајцарските власти за случувањата во нуклеарната централа во Лајбштад, на границата со Германија, откако Швајцарија по шестмесечна пауза во петокот ја активираше и веднаш потоа повторно ја згасна нуклеарката.

Германија од Швајцарија бара иннформации зошто седум часа по рестартирањето, нуклеарката, која е изградена во 1984 година, повторно била затворена.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, реакторот на нуклеарката бил вклучен во 17.30 во петокот, но откако операторот забележал проблеми во системот за филтрирање на гасови од кондензаторот што се наоѓа надвор од нуклеарните постројки, централата била исклучена.

Според швајцарските власти и операторот на централата, овој инцидент не е поврзан со причините за исклучувањето на нуклеарката во август минатата година, кога тестовите покажале траги на оксидација во реакторот.

Државниот секретар во германското Министерство за екологија и нуклеарна безбедност, Рита Шварцелур изјави дека е лошо што реаторот бил вклучен без целосно да се разјаснат сите проблеми кои беа причина за негово затворање.

- Би сакале да ги дознаеме сите технички причини што доведоа до одлуката за рестартирање на нуклеарката, изјави Шварцелур.

Предходно, рестартирањето на нуклеарката го критикуваше организацијата „Гринпис“, а на петицијата против отворањето се потпишаа над 16 илјади лица и 12 швајцарски и германски невладини организации.

Лајбштад е една од петте швајцарски нуклеарни централи, а според најавите од Швајцарија повторно треба да биде вклучена во погон во текот на денешниот ден.