Свет
21. October 2020 - 14:27

Белгија нема веќе да ги тестира асимптоматските случаи

Кризниот штаб за Ковид-19 во Белгија донесе одлука да не се тестираат повеќе асимптоматските лица поради преоптовареност на лабораториите и здравствените центри, јави дописничката на МИА од Брисел.

Бројките на новозаразени во Белгија продолжуваат да растат, со скок од 68 отсто денеска, информираше Kризниот штаб за коронавирусот на прес конференција.

Центрите за тестирање и лабораториите се преплавени со работа, поради што е донесена одлука да не се тестираат повеќе асимптоматските лица, дури и ако биле во контакт со позитивен случај.

Овие лица ќе треба да одат веднаш во самоизолација, но од денеска нема повеќе да имаат право на тест.

-Обемот на луѓе кои, со симптоми или асимптоматски, го надмина капацитетот на тестирање, имаше гужва на разни нивоа, бараме секако од луѓето да ги почитуваат мерките за претпазливост првата недела, и да избегнуваат максимално контакти втората недела, изјави портпаролот на штабот, Ив Ван Латем.

Тој додаде дека е свесен оти оваа нова политика ќе има последици врз официјалните статистики на заразени.

-Од оние лица со симптоми, една четвртина се позитивни, ако ги тестираме сите високоризични контакти, имаме 15 отсто позитивни тестови. Ова не е идеално, но ќе ни овозможи тестовите да се реализираат во рок од 24 до 48 часа, а пациентите информирани во рок од 24 до 36 часа, рече портпаролот.

Од оваа мерка единствено се изземени здравствените работници.