Македонија
24. September 2018 - 15:20

Бејли: Македонија е на крстосница, одлуката на референдумот е многу важна

- Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли смета дека одлуката што македонските граѓани треба да ја донесат на референдум е многу важна и затоа се надева дека ќе излезат и ќе го кажат своето мислење.

- Драго ми е што сум овде на оваа крстосница на Македонија, во време кога Македонија е на крстосница и многу важната одлука на граѓаните што треба да ја донесат неделава што претстои. Се надевам дека граѓаните ќе излезат и ќе го искажат своето мислење, кое и да е тоа, ова е значаен дел од демократскиот процес, рече Бејли при посетата на општина Куманово, каде имаше средба и со градоначалникот Максим Димитриевски.

Бејли истакна дека САД имаат соработка со Куманово како град кој, како што рече, ја опфаќа македонската разновидност, од повеќе аспекти, религиски, културен, индустриски.

Тој додаде дека Куманово е крстосница на буквално два коридори, не само за државата, туку и за европскиот континент, и оти се горди што соработуваат и нудат поддршка за некои училишта преку реконструкција, за развојот на граѓанските организации, младинско јакнење, за лицата со попреченост, за лица кои отпочнуваат мали бизниси. Американскиот амбасадор најави дека ќе оствари средба со дел од нив и изрази надеж дека ќе ги изградат своите бизниси и ќе ги пласираат продуктите, не само на македонскиот, туку и на регионалниот и европскиот пазар.

Американскиот амбасадор најави дека ќе оствари средба и со членови на Собранието од Куманово, со невладини организации, а ќе посети и училиште каде што се реализира ученичка програма за млади кои изучуваат англиски јазик.

Димитриевски му се заблагодари на посетата и за поддршката што американските граѓани ја даваат за Куманово, преку различни проекти. Тој го информирал американскиот амбасадор за плановите на општината во однос на економскиот развој на градот, за развивање на постоечката инфраструктура, за инфраструктурата во образованието.

- Куманово е пријател на американската Амбасада и на граѓаните на САД. Голем број наши сограѓани поминале и работеле за американски компании и тоа е од особено значење, бидејќи чуствуваме директен финансиски бенефит како град, како граѓани, како заедница од работата во американските компании, изјави Димитриевски.