Фудбал
19. July 2015 - 15:02

Бартомеу уште 6 години претседател на Барселона

Претприемачот Жозеп Марија Бартомеу, кој од 2014 година е претседател на Барселона, победи во саботата на клупските претседателски избори, и во наредните шест години ќе управува со актуелниот европски фудбалски шампион.
 
Педесет идвегодишниот Жозеп Марија Бартомеу освои 54,63 отсто од гласовите, додека неговиот најголем конкурент, 53-годишниот политичар Жоан Лапорта, кој ја водеше Барселона од 2003 до 2010 година, доби поддршка од 33 отсто од гласачите. Со одѕивот од 43,12 отсто од гласачите, ова беа третите најмасовни избори во историјата на Барселона.
 
„Со пот ќе го натопиме дресот, како што тоа го правеа Пујол, Чави, Абидал и Меси. Ќе бидеме на нивото на навивачите, претходните управи и предизвиците на XXI век“, истакна Бартомеу за кого гласале 25.823 членови од 47.270 колку што излегле на гласањето. Барселона е еден од ретки големи клубови чии сопственици се и членовите, па право на глас имаа вкупно 109.637 лица, вклучително и капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров.
 
Изборите се одржаа откако Сандро Росел во јануари минатата година се повлече поради покренувањето на судската постапка поради можни неправилности при носењето во клубот на Бразилецот Нејмар. Росел привремено го замени Бартомеу, кој сега со изборната победа се стекна со легитимитет да го води клубот за кој финансискиот магазин Forbes проценува дека вреди 3,16 милијарди евра, што го прави четврти најскап клуб на светот.
 
Во празнична атмосфера во саботата од 9 часот утрото илјадници членови и навивачи на Барселона се движеа кон стадионот „Камп Ноу“, каде до 20 часот во избирачките кутии ги ставаа гласачките ливчиња со имињата на кандидатите.
 
Бартомеу во кампањата влезе со силни адути, имено фудбалскиот и ракометниот клуб Барселона и освоија минатата сезона сите натпреварувања во кои учествуваа, вклучително и Лигите на шампионите, кошаркарскиот клуб беше поразен во четвртфиналето од Евролигата и во финалињата од шпанското првенство и купот.
 
Со тоа уште на стартот од кампањата слаби шанси имаа третиот и четвртиот кандидат, каталонскиот претприемач Ахусти Бенедито кој освои 7,16 отсто од гласовите, и Тони Фреича, секретар и портпарол на клубот од 2010 до 2013 година, кој доби поддршка од 3,7 отсто од гласачите.
 
Бартомеу ги одработи веќе трансферите и не мораше да ветува нови. Од Атлетико Мадрид го доведе Арда Туран а од Севиља Алекс Видал, а ги продолжи договорите со тренерот Енрике, и со фудбалерите Бускетс, Педро и Алба, а нов договор потпиша и Бразилецот Ани Алвеш во текот на кампањата која Бартомеу привремено се повлече од функцијата. Со овој избор, најверојатно спортски директор задолжен за трансферите ќе биде 53-годишниот Роберто Фернандез поранешен играч од средината на теренот на Барселона.
 
По прашањето на независноста на североисточната покраина од Шпанија, што е горливо прашање во Каталонија чиј симбол е Барселона, Бартомеу рече дека клубот „ќе биде близок на Каталонците и Каталонија, но нема да се занимава со политика“.
 
На изборите гласаше и претседателот на Каталонија, Артуро Мас, кој за пролетта 2016 година најави независност доколку на 27-ми септември победи на локалните избори. Меѓу познатите личности гласаше и фудбалската легенда на Холандија, на Ајакс и на Барселона, Јохан Кројф, кој го поддржа Лапорта.
 
Жоан Лапорта, најжестокиот опонент на Бартомеу во чиј мандат беа освоени три Лиги на шампионите, бараше отстранување на спонзорот Quatar од дресовите и нивно менување, односно враќање на логото на Уницеф, нарекувајќи го тоа борба меѓу корумпираните и чесните. Се залагаше за доведување на францускиот репрезентативец Погба од Јувентус, а за спортски директор го предлагаше поранешниот играч Абидал кој се опорави од ракот, Поголем фокус сакаше да стави на фудбалската школа на Барселона и на резервниот тим Барселона Б. Исто така, истакнуваше дека Барселона ќе учествува во процесот на независноста на Каталонија.