Македонија
2. јуни 2017 - 17:27

Барање за притвор и обвинение за убиство во обид поднесе јавното обвинителство за 60 годишниот Љупчо Стојановски

Основното јавно обвинителство побара притвор за 60 годишниот велешанец кој вчера пред Министерството за здравство со два куршуми се обиде да го убие поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Од Обвинителството велат дека осомничениот ќе се гони за две кривични дела и тоа убиство и недозволено поседување оружје.

60 годишниот напаѓач, според објавените информации го чекал Тодоров пред Министерството за здравство. Вработените не забележале ништо сомнително со оглед на тоа дека истиот ден требаше да се изврши примопредавање на министерската функција па мислеле дека осомничениот е еден од новите кадри кои со себе ги носи новиот министер за здравство.

На пукотниците пред Министерството за здравство им претходела и расправија на осомничениот со блиски роднини на Тодоров пред портите на неговиот дом. 60 годишниот велешанец го барал екс министерот објаснувајќи им на неговите роднини дека чека да му потпише некаков документ. Откако не успеал да го најде во неговиот дом велешанецот се вратил пред Министерството за здравство и тука го чекал Тодоров. Само што пристигнал екс министерот, 60 годишниот напаѓач на скалите пред Министерството му пришол од зад грб и го репетирал пиштолот на многу мало растојание.  Присебноста на Тодоров и брзата реакција на неговото обезбедување му го спасиле животот. Само што слушнале репертирање, телохранителите на Тодоров се нафрлиле врз напаѓачот кој успеал два пати да пука, а Тодоров ја наведнал главата. За среќа во инцидентот никој не бил повреден, а напаѓачот експресно совладан и приведен.
Дел од медиумите објавуваат дека во Тодоров било пукано со преработен гасен пиштол со убиствена моќ. Според истите извори, МВР веќе има искуство со вакво оружје. Балистичарите велат дека на гасниот пиштол му се додава нова цевка која машински се преработува за да одговара на куршум со калибар од 6,35 милиметри кој без никаков проблем може да нанесе смртоносни повреди.

Дневник пишува дека напаѓачот и од порано и бил познат на полицијата а против него во два наврати биле поднесувани кривични пријави за силување, а добил и условна затворска казна за кражба и за сообраќајна несреќа.

Новиот шеф на МВР вчера во кратка прес конференција го осуди нападот без да изнесе повеќе детали

Со осуда излезе и премиерот Заев

За ВМРО-ДПМНЕ нападот на Тодоров е кулминација на како што велат омразата која ја сее СДСМ

Груевски додаде дека ова не е прв напад врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а претходните не биле расветлени од полицијата која повеќе од една година е под контрола на СДСМ и ДУИ.