Свет
12. March 2021 - 16:30

Бајден: Сите Американци да бидат вакцинирани до 1 мај

Претседателот на САД, Џо Бајден, синоќа за првпат се обрати во живо до нацијата, неколку часа по потпишувањето на нацрт законот за помош на американската економија, и им порача на властите на сојузните држави сите возрасни Американци да бидат вакцинирани до 1 мај.

Бајден истакна дека започната е нова фаза од борбата со пандемијата и изјави дека земјата се доближува да обнова на „нормалниот живот”, како пред почетокот на пандемијата.

-Ќе направиме се што е во наша моќ секој Американец да добие вакцина до 1 мај, рече тој. Додаде дека нормалниот живот во САД треба да се врати до Денот на независноста, национален празник кој се слави на 4 јули.

-Денот на независноста, кој ќе можеме да го славиме по настаните во оваа долга и тешка година, ќе биде навистина посебен, изјави тој.

Бајден ги повика Американците да останат обединети во борбата со коронавирусот, и да продолжат со внимателноста да не се дозволи негово ширење.

За седум недели, од 21 јануари кога претседателот ја објави новата сложена стратегија за борба со пандемијата, населението на САД прими повеќе од 81 милион дози вакцини против Ковид-19. Додека целосно се вакцинирани повеќе од 34 милиони луѓе.