Свет
21. December 2016 - 10:22

Бабиш: За нападот во Берлин виновна е миграциската политика на Меркел

Чешкиот министер за финансии, Андреј Бабиш, смета дека терористичкиот напад во Берлин во понеделникот, се должи на миграциската политика на германската канцеларка Ангела Меркел, јави дописникот на МИА од Прага.

- За грозниот чин во Берлин, за жал, виновна е миграциската политика на германската канцеларка Ангела Меркел. Таа, дозволи мигрантите да доаѓаат во Германија и цела Европа во неконтролирани бранови, без документи и без да се знае кои се тие навистина, напиша Бабиш на својот профил на Фејсбук.

Бабиш оцени дека Германија сега го „собира данокот“ за својата пријателска политика кон бегалците, што ја практикуваше минатата година. 

- Германските и ЕУ политичари треба конечно да си признаат дека мора да се стопира бранот мигранти до Европа надвор од европскиот континент и да престанат со таа политичка коректност, која ги загрозува Германците и цела Европа, додаде вицепремиерот.

Решавањето на миграциската криза, според Бабиш  лежи во „пронаоѓање на мирот за опустошената Сирија и враќање на мигрантите во нивните домови“

- Во Европа, нема место за нив, подвлече Бабиш.

Во понеделникот, непознат сторител со камион удри во толпа граѓани на Божиќниот пазар во Берлин, при што најмалку 12 лица загинаа, а неколку десетици се повредени.