Свет
18. January 2019 - 8:49

Автомобил - бомба разнесе 9, а рани 54 лица: Експлодираше пред полициска академија во Колумбија

Пред полициската академија во Богота експлодираше автомобил-бомба, при што загинаа најмалку 9 лица, додека 54 се ранети, соопштија колумбиските власти.

До експлозијата дошло пред полицисаката академија „Генерал Сантандер“, во јужниот дел на престолнината на Колумбија, изјави за новинарите градоначалникот на Богота, Енрика Пеналос, пренесува Ројтерс.

Тој глетката ја опиша како хаотична, додавајќи дека возилата на итната помош и хеликоптерите набрзо се упатиле кон тој објект, инаку под силна безбедносна контрола, пренесува АП.

Министерството за одбрана соопшти дека се убиени осум лица. Властите засега не прецизираа дали убиените и повредените се полицајци или цивили.

Претседателот на Колумбија Иван Дуке рече дека се враќа во Богота од западот на земјата, каде присуствувал на состанок за бебзедноста, а на безбедносните сили им наложи да ги пронајдат сторителите на нападот и да ги приведат пред лицето на правдата.

„Сите Колумбијци го отфрлаат тероризмот и се обединети во соочувањето со тероризмот“, порача претседателот на Твитер.

Очевидци наведуваат дека слушнале бучна експлозија која ги разнела прозорците на околните згради. На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа јагленисано возило опкружено со други изгорени остатоци во кампусот на академијата.

За сега не се знае кој стои зад експлозијата.

Колумбиај со децении се соочува со граѓанска војна, но најлошото насилство е завршено со мировниот договор со Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) во 2016 година.

Левичарските бунтовници од Националната ослободителна армија изведуваат се почесто напади врз полициски цели во Колумбија, а во моментот мировните преговори со конзервативниот претседател Иван Дуке се во засторј, напоменува американската агенција.