Свет
27. March 2018 - 8:52

Австралија протерува двајца руски дипломати, Ирска денеска ќе ја објави одлуката

Австралија ќе протера двајца руски дипломати како одговор на нападот во Англија со нервен агенс, соопшти денеска австралискиот премиер Малком Турнбул. 

- Заедно со Обединетото кралство и другите наши сојузници и партнери, Австралија презема дејствија како одговор на неодамнешниот напад со нервен агенс во Солсбери, во Велика Британија, изјави австралискиот премиер.

Тој додаде дека Владата ќе протера двајца руски дипломати за кои е утврдено дека се разузнавачи прикриени како дипломати.

Министерот за надворешни работи на Ирска, Сајмон Ковини синоќа изјави дека неговата земја ќе преземе активности поради обидот за убиство на британска територија на поранешниот руски двоен разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

Ковини појасни дека одлуката веќе е донесена, но ќе биде соопштена денеска.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера нареди протерување на 60 наводни руски шпиони од САД како одговор на „Случајот Скрипал“

Портпаролката во Белата куќа Сара Сандерс изјави дека чекорот е дел од глобална координирана акција против Москва како „одговор кон Русија за употребата на хемиско оружје на територија на Велика Британија“.

Трамп нареди и затворање на рускиот Конзулат во Сиетл за кој официјални лица во САД сметаат дека има фокус на шпионски активности против базата за подморници Китсаб и Боинг.

Во координираната акција на западните земји досега е најавено дека САД протеруваат 60 дипломати, Франција четворица, Германија четворица, Полска четворица, Чешка тројца, Литванија тројца, Данска двајца, Холандија двајца, Италија двајца, Шпанија двајца, Естонија еден, Хрватска еден, Финска еден, Унгарија еден, Летонија еден, Романија еден, Шведска еден, Украина 13, Канада четворица плус тројца на кои ќе им бидат одбиени апликациите од Русија, Албанија двајца, Австралија двајца, Норвешка еден и Македонија еден.