Македонија
19. July 2018 - 12:23

АВМУ: На медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани

Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги апелира да се најде соодветен начин на медиумските работници да имаат слободен пристап до настаните од јавен интерес без разлика на безбедносните мерки.

Оваа реакција следи откако на синоќешната лидерска средба, на дел од фоторепортерите им било забрането да го снимаат влегувањето на лидерите во клубот на пратеници..

Обезбедувањето им објаснило дека заради посебните безбедносни мерки, не смеат да влезат во кругот на објектот..

„Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите.

Медиумите имаат различен пристап во обликувањето на содржините коишто и ги пласираат на јавноста, која пак, само преку разновидни информации може да изгради сопствен став“.

Од овие причини, Агенцијата потсетува на неопходноста од создавање услови за извршување на обврските на медиумските работници.

За случајот реагираше и Советот за етика во медиумите според кој Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во однос на медиумските работници е недозволиво и е во спротивност со кодексот за државни службеници..

Инцидентот го осуди и Самостојниот синдикат на новинарите од каде велат дека се отфрла секаков обид ароганцијата, затвореноста и третирањето на новинарската фела со потценување да бидат објаснувани со безбедносни или друг вид проценки..

Инаку по синоќешниот инцидент, денеска владината прес служба ги повика снимателите и фоторепортерите на брифинг во клубот на претеници пред почетокот на денешната лидерска средба..