Свет
6. јуни 2016 - 13:58

Авганистанските бунтовници годишно заработуваат и по 20 милиони долари од незаконска експлоатација на скапоцен минерал

Бунтовничките групи од Авганистан, вклучувајќи ги и талибанците, во една година заработуваат до 20 милиони долари од нелегална експлоатација на полудрагиот камен лапис лазули, соопшти невладината антикорупциска организација „Глобал витнес", чиешто седиште се наоѓа во Лондон, пренесува БТА.

Лапис лазули (или, само лапис) е син камен, којшто се користи за изработка на накит и украси, и кој најмногу е распространет на територијата на Авганистан.

„Наоѓалиштата на лапис лазули се концентрирани претежно во северната провинција Бадахшан, која долго време се наоѓа под ударите за превласт помеѓу властите, локалните моќници и талибанците,“ се вели во извештајот на „Глобал витнес".

Се смета дека Авганистан има минерални и нафтени извори вредни милијарди долари, но владата нема план, ниту експертиза како да ги разработи, а странски и интернационални фирми избегнуваат таму да работат заради небезбедноста. 

„Владата има загубено најмалку 17.500.000 долари во 2014, и 10 милиони во 2015 година заради незаконската експлоатација на лапис лазули,“ се вели во извештајот.
 
„Глобал витнес" додава уште и дека ако тие наоѓалишта бидат разработени, годишниот приход на Кабул ќе достигне и до две милијарди долари.