Балкан
14. December 2015 - 8:20

Атина: Правиме се што можеме за да се справиме со миграцијата

Грчкиот министер за цивилна заштита Никос Тоскас изјави дека Грција прави се што може за да се справи со кризата со миграцијата, која ја опиша како „голем проблем, кој ги надминува грчките граници и границите на Европа“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Тоскас го посети стадионот за таеквондо во Палио Фалиро, каде изминатиов викенд дојде до тепачки меѓу групи мигранти од разни земји.

- Грција не може повеќе да задржува илјадници мигранти кои доаѓаат во земјата. Нашата земја не може да се справи со тоа, нашата економија не може да се справи со тоа, истакна тој.

На новинарско прашање во врска со заедничко писмо кое тој и министерот за миграција Јанис Музалас го испратиле до еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, Тоскас рече дека тие истакнале оти враќањето на мигранти од земјите на ЕУ мора да се врши во согласност со регулативите и договорите на Унијата „со цел бројот на луѓето кои Грција може да ги поддржи да се задржи на одржливо ниво“.

Коментарите на Тоскас доаѓаат пред Самитот на лидерите на Европската унија закажан за в четврток и петок на кој прашањето за миграцијата ќе се разгледува заедно со плановите за создавање нови гранични сили на ЕУ, за чие распоредување, за разлика од Фронтекс, нема да треба одобрување од земјите-членки.

Во интервју за вчершното изание на „Катимерини“, извршниот директор на Фронтекс Фабрис Леџери рече дека пограничната агенција уште во октомври имала подготвени сили за да ги испрати во Грција, но оти грчките власти го одложиле распоредувањето затоа што на чело на тимовите не биле назначени грчки претставници.

Загриженоста се зголеми откако стана јасно дека илјадници мигранти кои пристигнуваат во Грција со брод од соседна Турција ќе останат заробени во земјата, откако Македонија ги заостри контролите на границата со Грција. Илјадници мигранти кои беа во импровизиран камп во близина на границата со Македонија, минатата недела со автобуси беа префрлени во Атина. Повеќето од нив се сместени на стадионот за таеквондо, каде во петокот и саботата избувнаа тепачки поради што интервенираше и грчката полиција.

Според некои извори, судирите биле меѓу групи мигранти од Мароко и од други земји по взаемни обвинувања дека некои од мигрантите украле мобилни телефони и пари од други мигранти.