Свет
4. February 2016 - 8:51

Асанж ќе прифати да биде уапсен, доколку ОН донесат одлука која не е во негова корист

Основачот на сајтот Викиликс Џулијан Асанж ќе ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон утре и ќе прифати да биде уапсен од британските власти, доколку панелот на Обединетите нации, кој го истражува неговиот случај, донесе одлука, која не е во негова корист, објави тој на налогот на Викиликс на Твитер. 

Асанж се крие во еквадорската Амбасада од јуни 2012 година, за да ја избегне опасноста да биде екстрадиран во Шведска, каде тој се бара за да биде сослушан во врска со обвиненијата за сексуално насилство врз две жени во 2010 година.

Се очекува работната група на ОН да ги претстави заклучоците утре изутрина.

- Доколку ОН објави утре дека сум го загубил случајот против Велика Британија и Шведска, јас ќе ја напуштам Амбасадата в петок попладне и ќе се согласам да бидам уапсен од британската полиција, бидејќи нема сериозни перспективи за нова жалба, истакна 44-годишниот Асанж.

- Но доколку победам и стане јасно дека државите вклучени во случајот дејствувале незаконски, очекувам итно да ми биде вратен пасошот и да бидат прекинати сите обиди да бидам уапсен, додаде тој.