Свет
8. December 2016 - 13:56

Асад: Победата во Алепо е значајна, но не значи крај на војната

Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека победата што се наѕира во Алепо е значајна, но дека таа само по себе не значи и крај на војната во Сирија.

- Точно е дека Алепо ќе биде победа за нас, но треба да бидеме реалисти - тоа не значи завршување на војната, изјави Асад во интервју за сирискиот весник „Ал Ватан“, додавајќи дека, сепак, победата на фронтот кај Алепо претставува „значаен чекор“ кон ставање крај на воените судирања.

Според сирискиот претседател, „терористи сега има насекаде“.

- Дури и ако завршиме со Алепо, ќе продолжиме со нашата војна против терористите, истакна Башар ал Асад.

Бунтовниците претходно побараа петдневно примирје за, како што тврдеа, евакуирање на цивилите, по нивното повлекуање од досегашното силно упориште, Стариот град во Алепо.

Владините сили и Дамаск го одбија таквото барање. Тие повеќепати досега ги обвинуваа бунтовнците дека секое примирје или прекин на огнот, го користат за прегрупирање на џихадистите и за обнова на вооружувањето.

Сириските сили продолжја со својата офанзива во источниот дел на Алепо, а странските набљудувачи во Дамаск забележуваат дека целата операција се одвива многу побрзо отколку што тоа се очекуваше.

Воени аналитичари проценуваат дека во источниот дел од градот, остануваат само џихадистите на групата Нусра Фронт, која е поврзана со Ал Каеда и оние бунтовници кои им се приклучиле во меѓувреме.

Тие најавуваат дека нема да се повлечат од градот и дека ќе ги продолжат борбите со владините сили.

Сириските власти сите нив ги третираат како терористи, со кои не скаат ниту да преговараат, ниту да се согласат на примирје.