Македонија
26. January 2023 - 16:33

Арсовска со кривична за екс-директорот на МКЦ, градот нема да купи нови еко-автобуси

Буџетот на МКЦ не е скратен за 90%, а директорот не е разрешен, туку му истече договорот. Тој лаже и ако не се извини, ќе го тужам, вели скопската градоначалничка Арсовска. 

Тврди дека незаконски ангажирал 250 лица кои благајната на МКЦ ја оштетиле за дури 100 илјади евра.

„Има и над 90 договри за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 750 евра за месец. Зборуваме за бројка од потпишани 90 договори од кои еве првиот е во вредност нешто над 750 евра за шанкер. Ова испумпување на средства од МКЦ некој треба да го објасни“, изјави Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје.

За време на прес-конференцијата, со свирчиња пред бараките се собраа дел од вработените во МКЦ. Велат дека новиот директор не е избран законски, сменети им се бравите, а интернетот им е исклучен. Обвинија и дека претходниот директор трпел притисоци.

Во меѓувреме, советниците на денешната седница не одобрија кредит од 10 милиони евра за набавка на еко автобуси. 15 гласаа „За“, 18 беа „Воздржани“ и 1 „против“. Советниците од СДСМ рекоа дека не се против нови автобуси, но немаат никакви информации поврзани со набавката.

„Врз основа на кои параметри е дојдена до оваа бројка од 620 милиони денари бидејќи ние како советници избрани од граѓаните треба да знаеме зошто баш оваа сума? Треба да знаеме колку нови и какви автобуси ќе се купат или набават“, вели Гордан Шутарев, советник на СДСМ.

Со сличен став излегоа и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат:

„Нема информации на колку години е тоа задолжување, дали има градот и ЈСП финансиска моќ, од каде ќе е задолжувањето, дали однапред е тоа договорено? Нема да поддржиме задолжување без да се каже колкава е каматната стапка, каков е грејс периодот и условите за тоа. Арсовска нема информации какви автобуси ќе набавува, на каков погон?“, меѓудругото стои во соопштението. 

Проблемите со автобускиот превоз почнаа откако Градот ги раскина договорите на приватните превозници, а на новите огласи не се пријави никој. Сега ЈСП нема доволно капацитет, иако Aрсовска пред изборите вети 250 еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз за сите.