Македонија
12. November 2019 - 17:40

Армијата широко ги отвори вратите за жените

Министерството за одбрана прави исклучителни чекори напред во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива. Се зголемува бројот на жените кои се пријавуваат за доброволно служење воен рок, има зголемен интерес за учество во Армијата како офицери, е заклучокот од денешната конференцијата организирана од Системот за контрола на малокалибарско и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (SEESAC), посветена на родовата еднаквост и родовата перспектива во одбраната.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во обраќањето на конференцијата посочила дека зголемувањето на учеството на жени во армиските редови не се прави и не треба да се прави преку ноќ, туку треба силна работа и силна посветеност. За тоа дека овој проблем не е само на регионот, туку и пошироко, како што соопшти МО, таа посочила дека доказ се бројните невладини организации, бројните резолуции на Обединетите Нации, бројните здруженија на граѓани кои низ целиот свет се трудат да ги разбијат стереотипите.

– Од околу 6.700 припадници на Армијата, 635 се жени, односно околу 10 проценти, а од нив офицерки се 15 проценти, подофицерки 11 проценти, а професионални војнички само пет проценти, информирала министерката Шекеринска.

Таа додала дека фактот оти десет проценти во последната класа на граѓани на доброволно служење воен рок се девојки, покажува дека интересот за професијата се зголемува. Она што е најважно, истакнала министерката, е не само да ги привлечеме жените да бидат дел од војската, туку и да ги задржиме да ја градат тука својата кариера.

– Навистина правиме сè да ја направиме Армијата пријатна средина, конструктивна, отворена средина за работа на жените и да имаме што повеќе жени на високи позиции. Донесовме упатство за заштита од вознемирување на работно место, целосно во согласност со политиките на НАТО и програмата на ООН за жени, мир и безбедност. Со предложените измени на Законите за одбрана и за служба во Армијата, за прв пат родовата компонента треба да биде интегрирана во сите структури и е дел од политиките на Министерството. Оваа година за прв пат работиме на родова структура на Министерството и Армијата, со која се воведуваат родов советник на началникот на Генералштаб, родов советник на Министерството и родови претставници на сите пониски нивоа, истакнала Шекеринска.

Како што стои во соопштението, министерката за одбрана Шекеринска посочила оти клучната промена не е во фактот дека се превземаат овие чекори, туку дека оваа политика е реално прифатена и од Генералштабот, што овозможува таа да е одржлива на подолг рок.

Обуките за родова рамноправност и кршењето на бариерите во кариерното унапредување се дел од чекорите за целосна родова еднаквост, се подвлекува во соопштението. Во редовите на Армијата има три полковнички, а речиси во секоја мисија во Авганистан, во рамки на контингентот од Армијата има жени, исто како што во мисијата во Либан во моментов е претставничка на Армијата, а аѓутант на претседателот на државата е жена – полковничка, прва на таа позиција во историјата на државата.