Македонија
19. August 2020 - 21:35

АРМ го прослави првиот роденден, како членка на НАТО – со што придонесува во алијансата?

Армијата вчера го прослави својот ден 18 август. За првпат, роденденот го дочека како војска која е член на најмоќниот воен сојуз - НАТО. Учеството во глобалната Алијанса беше децениски стремеж, но и поттик кон подобра и поефикасна армија, која рамо до рамо ќе стои со сите останати сојузници во мисиите на НАТО низ светот.

Покрај воените мисии, Северноатлантската алијанса оваа година се бори и со пандемијата на коронавирусот. Поддршката од НАТО за АРМ во борбата против овој невидлив непријател се состои во военомедицинска опрема, помош повеќе од потребна за нашите војници, кои во неколку наврати на терен ја дадоа својата поддршка за да се спречи ширењето на вирусот.

Но, што АРМ дава за возврат? Безбедноста која ја нуди НАТО не доаѓа без цена. Со колку и какви ресурси учествуваме во Алијансата, сега откако станавме полноправна членка? Колку плаќаме за членството во НАТО? Сите податоци се предмет на воена тајна, но од она што можеме да го дознаеме и од она што е достапно, Македонија на располагање на НАТО му нуди активен кадар од осум илјади војници. Најелитните од нив се веќе распоредени во мисиите под капата на НАТО. Организирани во повеќе единици, АРМ е меѓу земјите со најмало учество во Сојузот.

Од оние кои по население и по територија се слични со Македонија, а се членки на НАТО, од нас помалку активна војска имаат Словенија - седум илјади и триста војници, Естонија - шест и пол илјади, Латвија - пет илјади и триста и најмалата земја во НАТО - Црна Гора со две илјади активни војници. Автоматската пушка дизајнирана според познатиот “Калашников”, два вида на пушкомитралези и снајпер од 7,9 mm се само дел од нивниот арсенал.

Секако, човечкиот фактор не е единствен. Секоја Армија поседува значителен дел од воена опрема која се огледува во борбени возила, артилериски орудија, тенкови, авиони, хеликоптери… Владата веќе има склучено договор со САД за набавка на 33 лесни оклопни возила. Ова е прва фаза од планираните опремувања која ќе трае до 2024 година, до кога треба да бидат набавени вкупно 151-но, кои ќе ги заменат досегашните амортизирани возила. Пешадијците и Воената полиција, пак, ги користат Хермелините и Хамвите.

Од борбените возила, пак, според сајтот “GlobalFirePower”, АРМ има 31 тенк, сите од типот Т-72А. Повеќето се оперативни, но стари од 30-40 години. Нема планови за набавка на нови, а пари ќе се издвојуваат само за нивно одржување.

За мала земја и армија, можеме да кажеме дека добро котираме на полето на артилеријата. Според податоци од интернет, АРМ поседува 144 вакви орудија, што е далеку повеќе од оние земји со кои се споредуваме во НАТО. Хаубици од различен калибар, два вида минофрлачи, но и познатиот ракетен фрлач “BM 21-Grad” го сочинуваат артилерискиот баталјон.

На мала територија, очекувано е дека АРМ не претставува воздухопловна сила. Неофицијалните бројки велат дека 14 хеликоптери Ми-8 и Ми-17, како и четири борбени Ми-24 се дел од воздухопловниот ВИНГ на земјава, дополнет со два авиона ЗЛИН. Токму затоа, договорено е нашето небо да го брани далеку посупериорната Грција нашиот НАТО сојузник.

Што друго му нудиме на НАТО? На располагање се 10 помали и поголеми аеродроми во земјава, над 14 илјади километри патишта, но можеби она што највредно може да му го понудиме на НАТО е еден од најдобрите воени полигони во овој дел од Европа - Криволак. Полигонот е еден од ретките на кој може да се изведуваат воени вежби со боево гаѓање од сите средства и во неколку наврати веќе се користи од сојузничките сили.

Модерна НАТО Армија бара и издвојување на финансиски средства. Одбраната во 2020 година влегува со зголемен буџет во износ од над 160 милиони евра. Речиси 30 милиони од овие средства се предвидени за нашата интеграција во НАТО, а 3,6 милиони евра ќе се вложат во модернизација на Министерството за одбрана.

Македонија се уште не успева да го задоволи стандардот на НАТО за издвојување на 2% од БДП за нејзин развој, цел која е зацртана за наредните години. Само седум членки засега успеваат во оваа намера. Убедливо на првото место се САД со 3,4%, а прагот го надминуваат и Грција, Велика Британија, Естонија, Полска, Латвија и Литванија.