Македонија
1. April 2017 - 8:54

Априлијада „Скопје се смее“

Голема детска журка „Априлијада 2017-Скопје се смее“ по повод 1 Април - Денот на шегата денеска во 11 часот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ за децата од сите градинки, училишта и деца од градот Скопје и од околината.

Маскираните принцови, принцезите, кловновите, самовилите и сите ликови од цртаните филмови ќе ги забавуваат фолклорната секција и балетската секција на ДКЦ „Карпош“, децата од Златно славејче и Танцови групи од основните училишта од Скопје и од околината.

По повод 1 Април, Детскиот културен центар „Карпош“ и годинава отвори конкурси за основните и средните училишта да учествуваат во манифестацијата и да се натпреваруваат за најубава маска и карикатура за коишто ќе им бидат доделени награди и дипломи.

 

Манифестацијата е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и на град Скопје.

На плоштадот „Македонија“ забава ќе биде организирана и вечер во 20 часот, кога ќе настапат Андријана Јаневска, Мартија Станојковиќ, Влатко Илиевски, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу и групата-BRASS BROTHERS. За крај е предвиден и настап на диџеј.

Во вечерниот дел од манифестацијата на бината ќе продефилираат учениците од средните училишта со групни маски, а учесниците во најдобрата групна маска ќе добијат и вредна награда.

Денот на шегата, 1 Април, ќе се одбележи во „Веро центар“ со детската претстава „Шумски маскенбал“, која во 11 часот ќе се изведува во големиот хол на центарот, по што ќе се одржи и едночасовна креативна работилница за деца на која тие ќе изработуваат куклички за на рака од чорапи, хартија и други додатоци со помош на неколку ментори, со кои подоцна ќе подготват и кратка претстава.

По завршувањето на креативната работилница, забавата ќе се префрли во детското катче за изработка на шарени и весели маски, каде што децата ќе можат да ја покажат својата креативност и фантазија.