Тенис
28. January 2020 - 11:32

АО: Федерер по пет сета со Сандгрен обезбеди полуфинале

Роџер Федерер го преживеа дуелот со Тенис Сандгрен и се пласираше во полуфиналето на Австралија опен. Швајцарецот на теренот мина три и пол часа, спаси седум меч топки и на крајот победи 6/3, 2/6, 2/6, 7/6, 6/3.
 
Играчот со најмногу гренд-слем титули лесно го доби првиот сет со 6/3 за 35 минути игра. Вториот и третиот сет во целост му припаднаа на Сандгрен, кој „леташе“ по теренот и направи пресврт.
 
Драмата што го реши победникот се одвиваше во четвртиот сет. Сандгрен при резултат 5:4 не искористи три меч-топки, а потоа во тај-брејкот не успеа да реализира уште четири топки за победа.
 
Тај-брејкот во четвртиот сет му припадна на Федерер со 10:8.
 
Петтиот сет го реши еден брејк, него во шестиот гем го направи Федерер.
 
Швајцарецот во полуфиналето ќе игра против победникот од мечот помеѓу бранителот на титулата Новак Ѓоковиќ и Милош Раониќ.