Македонија
6. March 2018 - 9:39

Анкета на ИФИМЕС: Мнозинството поддржува решение на спорот со Грција

Мнозинство од граѓаните на Република Македонија ги поддржуваат напорите на премиерот Зоран Заев и Владата во однос на решавањето на спорот со Грција во врска со името. Шеесет и три отсто од испитаниците во анкетата што ја спроведе  Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана изразиле поддршка. Единаесет отсто не даваат поддршка, додека 26 отсто се изјасниле дека немаат став.

Истражувањето на јавното мислење е спроведено во периодот од 19 до 28 февруари на примерок од 998 лица.

Повеќето граѓани ја сметат Грција за пријателска земја. На прашањето дали Република Грција ја сметаат за пријателска држава 41 отсто одговориле потврдно, 33 одговориле со „не“, додека 26 проценти немаат став.

Педесет и девет отсто од анкетираните позитивно ја оценуваат работата на Владата на Заев, 25 проценти дале негативна оценка, а 16 отсто изјавиле дека немаат став.

Работата на претседателот на државата Ѓорге Иванов позитивно ја оцениле 14 отсто од анкетираните граѓани. Седумдесет отсто ја оцениле негативно, а 16 отсто изјавиле дека немаат став.

Големо мнозинство ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство, предводено од обвинителката Катица Јанева.

Седумдесет и осум проценти ја поддржуваат работата на СЈО, 14 отсто не ја поддржуваат, а осум проценти немаат став.

Педесет и осум проценти од анкетираните сметаат дека Заев треба да изврши реконструкција на сегашниот состав на Владата, 24 се на спротивното мислење, додека 18 отсто немаат став.

Педесет и седум отсто го поддржуваат донесувањето на законот за унапредување на употребата на албанскиот јазик и јазикот на малцинските етнички заедници.

Дваесет и осум проценти не даваат поддршка, а 13 отсто немаат став. 

Шеесет и шест отсто имаат оптимистички поглед на иднината, 24 проценти немаат таков поглед, а десет отсто изјавиле дека немаат став.

Големо мнозинство од граѓаните на Република Македонија (83 отсто) го поддржуват влезот на земјата во Европската унија. Шест отсто не дале поддршка, додека 11 проценти се изјасниле дека немаат став. 

Седумдесет и еден отсто од испитаниците го поддржале влезот на Македонија во НАТО.

Осум отсто сметаат дека земјата не треба да влезе во Алијансата, додека 21 процент немаат став.