Балкан
17. August 2016 - 8:42

Анкара го оцени како „демагогија“ барањето на грчкиот претседател Турција да се извини за геноцидот над понтиските Грци

Анкара го нарече „демагогија“ барањето на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос Турција да се извини за геноцидот над понтиските Грци, пишуваат грчките електронски изданија, пренесува БТА.

Турското Министерство за надворешни работи оценува дека изјавите на грчкиот претседател не соодвествуваат на одговорен државен функционер и се без законска и историска основа.

Според турската влада, изјавите на Прокопис Павлопулос поттикнуваат на верска и етничка омраза, спротивни се на духот на пријателство и добрососедски односи и не придонесуваат за развој на соработката меѓу двете земји.

Анкара ги дефинира како искривување на вистината обвинувањата на грчкиот претседател дека турските власти не дозволиле да биде отслужена патријархиска литургија во манастирот „Панагија Сумела" во реонот на Трапезунд, во североисточна Турција, тврдејќи дека оваа година не била дозволена таква литургија само заради „ремонтни потфати“..

„Сакаме да потсетиме и на асимилаторските политики преку нехуманиот третман на сите малцинства од страна на Грција“, посочува уште Анкара.

Грција официјално ги призна за геноцид масовните убиства на околу 370 илјади Грци кои живееле во близина на брегот на Црното Море, во периодот меѓу 1914 и 1923 година. Атина го прогласи 19 мај за Ден на сеќавање на жртвите на геноцидот.