Македонија
12. November 2025 - 13:42

Андоновски: Следен чекор е создавање на Владин центар за одговор на сајбер инциденти

Овозможување размена на know-how, воспоставување на институционална и бизнис соработка, како и партнерства меѓу италијанските и македoнските компании специјализирани за сајбер безбедност, со особен фокус на сајбер безбедноста на критичната инфраструктура во енергетика, цивилно воздухопловство, здравство и телекомуникации, има за цел конференција на тема „Технологии и добри практики за сајбер безбедност, искуството на Италија“, што се одржува денеска во Скопје во организација на Амбасадата на Република Италија во Скопје во соработка со ИТА (Italian Trade Agency). 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски кој се обрати на Конференцијата истакна дека земјава прави многу за спроведување на дигитализацијата, но со постојано градење доверба во тој систем преку одржување на сајбер безбедноста. 

Тој потсети дека во изминатата година прв пат бил донесен закон за сајбер безбедност, на кој, како што рече, не треба да се гледа само како правна рамка, туку како патоказ за сите кои се вклучени во процесот или ги користат дигиталните услуги, а донесена е рече и Национална стратегија 2025-2030 година. Андоновски се осврна и на Владиниот CIRT кој, како што рече, е срцето на владината одбрана во дигиталниот простор. Ова рече ќе биде владина единица за справување со сајбер инциденти.

-Освен на сајбер безбедноста ние се посветивме и на градење крупни проекти за дигитална трансформација. До денеска над 76 приватни компании и државни институции се поврзани на националната платформа за интероперабилност - нашиот дигитален автопат. Дестици милиони трансакции се извршуваат без хартија, со раст од 160 проценти споредено со минатата година, а порталот uslugi.gov.mk нуди над 300 електронски услуги за граѓаните, посочи министерот. 

Според него, дигитализацијата нема смисла без доверба, а таа не постои без сајбер безбедност. Затоа, додаде тој, сме тука да ја изградиме таа доверба од институциите до граѓаните и бизнисите. 

-Сајбер безбедноста е еден вид тивка архитектура - не ја гледаме секој ден, не и обрнуваме внимание многу често, но на неа се држи целиот дигитален систем. Затоа као држава сме решени да ја градиме оваа архитектура посветено, мудро, системски и со европски стандарди. Затоа со новиот закон, стратегија, владиниот CIRT и со партнерства како денешното го правиме токму тоа, рече Андоновски.

Италијанскиот амбасадор во Македонија Паоло Палминтери смета дека ваквите настани, и соработката во овој сектор кој е во голем пораст во Италија, може да даде посебен развој во развој на билатералните економски односи, што е дел од стратегијата на канцеларијата ИТА и нивната Амбасада.

-Нашата цел е да го привлечеме вниманието на нашите италијански претприемачи на сето она што оваа земја може да го понуди што го сметаме интересно, едно зголемување и подобрување на економските односи, секако тоа би дало поголем развој и за нас и за Република Северна Македонија, а крајната цел е да се пристапи кон Европската Унија. Тоа секако би бил елемент кој ќе довозволи привилегиран економски однос. Но, европската заедница не е само економски развој, туку и безбедност. Безбедноста е неделива меѓу Европа и Блаканот, односно меѓу земјите членки и сите останати, бидејќи безбедноста е единствена и заиси од сите нас, рече италијанскиот амбасадор.

Тој потенцира оти сите држави треба да работат на унапредување на сајбер безбедноста, која, како што истакна, е особено нарушена по рускиот напад на Украина.

-Ситуацијата во Италија е иста, како и секаде во цела Европа, по 2022 година, по бруталниот напад на Русија врз Украина безбедноста е нарушена. Зголемени се хибридните закани врз безбедноста, меѓу кои и информатичките напади. Тие се во постојан пораст, а според извештаите во 2024 година се зголемени за 15,2 проценти во однос на годината пред тоа, рече Палминтери.

На коференцијата е предвидена пленарна сесија со говорници од македонска и италијанска страна, како и презентација на некои од најдобрите италијански практики во адресирање на предизвиците на сајбер безбедноста. 

 

МИА