Македонија
19. October 2021 - 16:44

Анализа: Колкава е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на првиот круг од локалните избори?

Нешто помалку од 50.000 гласа е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во збирот на гласовите добиени за советничките листи во општините низ Македонија. Во 80 единици на локалната самоуправа, ВМРО-ДПМНЕ освои нешто помалку од 285.000 гласа а СДСМ нешто повеќе од 236.000 за прва победа во изборен процес во последните 5 години, по парламентарните избори во 2016та.

Солиден резултат имаше Левица која собра над 50.000 гласови а коалицијата на ЛДП и ДОМ дебитираше на избори со близу 25.000 гласови.

Во албанскиот политички блок ДУИ го задржа водството со близу 105.000 гласа, или околу 50.000 повеќе од коалицијата на Алијанса и Алтернатива.

Беса освои нешто повеќе од 25.000 гласа а ДПА застана на 8.000.

Споредбата со претходните локални избори доведува до заклучок дека генерално паѓа интересот на граѓаните за гласање што се покажува и со намалената излезност, апсолутна бројка која ДИК не ја соопштува речи си 2 дена по крајот на изборите.

Ако на претходните локални избори СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освоија над 750.000 гласови, сега двете партии имаат околу 230.000 гласа помалку, што е очекувано имајќи предвид дека изборите во 2017 имаа исклучително висока излезност која за многу малку не надмина 60%, а на овие избори дополнително зајакна Левица а солиден резултат извадија и ЛДП и ДОМ како и многу независни листи.

Споредбата вели дека СДСМ за 4 години локална власт загубил околу 185.000 гласа, додека ВМРО-ДПМНЕ на контото има околу 50.000 гласа помалку. Разликата е евидентна. На изборите во 2017 СДСМ имаше 85.000 гласа повеќе од ВМРО-ДПМНЕ за денеска, владејчката партија да е 50.000 во негатива.

Најголем пораз СДСМ доживеа во Скопје. Ако се пресметаат гласовите на советничките листи само во скопските општини, ВМРО-ДПМНЕ има предност од околу 25.000 гласа. Една третина од нив се направени во Гази Баба каде разликата од близу 7.900 гласа е најголема разлика на ниво на Македонија.

На овие избори има близу 45.000 невжечки ливчиња, безмалку 7.000 повеќе од изборите пред 4 години.