Македонија
6. јуни 2023 - 21:13

Анализа: Кое е решението за скандалозното правосудство во кое е вперен прстот од сите?

Законски измени и Ветинг не се излез од кризата во правосудниот систем. Експертската јавност смета дека само силниот притисок од граѓаните, невладиниот сектор и меѓународната заедница е решение за урнисаното судство.

Сепак, свој придонес, треба да имаат и судиите. 

„Решението нема да дојде ако не се направи квалитен притисок и помеѓу професијата. Не сметам дека Ветинг е решението, туку, една комбинација на конструктивни притисоци од надвор, меѓутоа и внатре од професијата, односно, да се одважат судиите. Сега е моментот тоа да се случи, бидејќи, има квалитетни судии кои може да бидат ставени во Судскиот совет и да бидат коректив и да ја нацртаат иднината на судството во наредните неколку години“, изјави Миша Поповиќ, Институт за демократија.

Правосудниот систем не може да има доверба со кавги и признанија за притисоци во судскиот совет, вработувања во обвинителството на блиски роднини на политичари, актуелни судии и обвинители, смета правната фела.. Со таквите случувања, делителите на правда ќе добијат уште пониска оценка.

„Ако на тој начин кој го видовме функционира судскиот совет кој истиот совет треба да ги разгледува нивните поплаки и претставки против некои судии за кои граѓаните сметаат дека наводно сториле некоја неправилност во работата, штом гледаме дека работата на судскиот совет е дегутантна, тогаш никако не може да имаат доверба граѓанитот дека тој орган ќе одлучи правично и праведно во однос на претставката и поплаката“, вели Александар Ристески, Адвокат. 

Правосудните органи подолг период се мета на критики од сите страни. Во нив се наведува дека од судскиот и обвинителски систем зависи и во кој правец ќе се движи државата.

„Судството, конечно да не биде кочница на делењето на правдата, туку, да биде она финале кое што е потребно од превенција до санкција на криминалот и корупцијата. Да поттикне понатаму и други реформи, бидејќи, во моментов најмногу се закочени заради лошиот квалитет на правосудниот систем“, вели Поповиќ.