Македонија
3. December 2021 - 21:15

Анализа: Бугарското собрание конструирано, Влада следната недела - Има ли надеж за решение на спорот?

Се ближи крајот на осуммесечното чекање за политичка влада во Бугарија. По денешното конституирање на бугарскиот парламент, ваква проценка даде Кирил Петков, еден од лидерите на победничката партија „Промените продолжуваат“, кој најави коалициски договор во наредните денови.

“Сите партии ќе имаат министри во владата. Сè уште нема да ги споделам имињата на луѓето. Сметаме дека идната коалиција ќе биде најодржлива доколку сите партии имаат учесници во оваа влада. Нема што да не се согласуваме, формирањето коалиција изгледа многу реално. Се надевам дека наскоро ќе објавам потпишан коалициски договор”

Преговорите се водат меѓу четири партии, а една од темите е и Македонија. Аналитичарот Владимиров не верува дека ова ќе биде пречка за договор, иако една од партиите цврсто стои на националистички позиции.

“Повеќе преовладуваа мислењата дека треба да се оди во насока на прагматизам и економија. Единствено Бугарската социјалистичка партија ја задржа таа реторика од претходната влада на основа на национализам, на некои работи кои, да се надеваме дека ќе останат во минатото. Така што, моите очекувања се дека по темата Македонија, да има попрагматички и многу пореални разговори...”

Клучно е, смета Владимиров, да се премине од политика на инат кон политика на добрососедство. Според аналитичарот, блокадата е контрапродуктивна.

“Кревање на ветото, да се разбереме, ќе биде моментот кога ќе почнат вистинските разговори помеѓу двете страни. Со вето на масата ние не можеме да разговараме и тоа е апсурдна ситуација. Не може да се води разговор со некого кого го заплашувате на каков било начин”

Од новите пратеници бугарскиот претседател Радев побара консензус во надворешната политика и почитување на бугарските национални интереси. Неговите ставови се тврди и сериозни, но кај Радев се забележува драастично поместување во содржината, вели Владимиров.

Свое видување за спортот имаше и професорот Флоријан Бибер, кој се смета за добар познавач на Балканот. Бугарија треба да бара начин да си го спаси угледот, потенцира Бибер и додава дека Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото.