Свет
29. March 2021 - 10:12

Американски медиуми по увид во извештај на СЗО: Малку веројатно е дека Ковид-19 „побегнал“ од лабораторија

Долгоочекуваниот извештај на СЗО и Кина за потеклото на коронавирусот е конечно готов, јавија американски медиуми кои имале увид во него, и наведуваат дека „лабораторија е малку веројатно дека е причина за пандемијата“.

Заедничка студија наведува дека најверојатно сценарио за потеклото на Ковид-19 е пренесување на вирусот од лилјаци на луѓе преку друго животно.

Според тој извештај, што го пренесоа американски медиуми, пропуст во лабораторијата е крајната и малку веројатна причина. Документот не е конечна верзија, но е речиси финална верзија на извештајот на СЗО добиена од дипломат во Женева, кој не сакал да биде идентификуван бидејќи не бил овластен да дава информации пред нејзиното официјално објавување.

Се уште не е познато дали извештајот може да биде променет пред да биде објавен.

Тимот на СЗО предложи понатамошно истражување во сите можни насоки во врска со потеклото на вирусот, освен хипотезата дека тој „побегнал“ од лабораторијата.

Истражувачите разгледале четири сценарија по редослед на веројатност. Тие заклучија дека пренесувањето преку друго животно е многу веројатно.