Свет
25. October 2016 - 8:41

Американски „Боинг“ принудно слета во Ирска поради „технички проблеми“

Авион на американската компанија „Јунајтед Ерлајнс“ што полетал од Белфаст, во Северна Ирска, за Њујорк, мораше принудно да слета на аеродромот во Шенон, во Република Ирска.

Во соопштението на ирските воздухопловни власти се вели дека авионот „Боинг 757-224„ слетал безбедно, но дека по деталната контрола авионот не го продолжил својот лет кон Америка.

Патниците ја минале ноќта на ирската територија во очекување на друг авион, што треба да ги префрли до Њујорк.

Во авионот имало 121 патници и деветмина членови на екипажот.
Компанијата „Јунајтед Ерлајнс“ соопшти дека авионот слетал во Шенон поради „технички проблеми„ не давајќи други детали. Се верува дека станува збор за проблеми во делот на авионот каде се тркалата.

Во февруари оваа година, авион на истата компанија кој леташе на истата линија од Белфаст до Њујорк, мораше да биде приземјен во Манчестер. И тогаш, како и сега „Јунајтед Ерлајнс“ објасни дека авионот имал „технички проблеми“, иако тогаш не беше истот тип „Боинг“.

Авионот што беше принудно спуштен во Шенон, морал претходно да лета повеќе од два часа над западниот брег на Ирска, за да го истроши поголемиот дел од горивото, пред да атерира.

Проблемите се јавиле веднаш по полетувањето на „Боингот“, кога патниците слушнале силна бучава од под трупот на авионот.

Некои од нив подоцна изјавиле дека во кабината настанала голема вознемиреност, која траела се до спуштањето на авионот.