Балкан
21. September 2016 - 8:30

Албин Курти: Демаркацијата на границата може да донесе војна во Косово

Поранешниот лидер и актуелен пратеник на косовското движење „Самопределување“, Албин Курти, предупредува дека прашањето за демаркацијата на косовската граница со Црна Гора, може повторно „да донесе војна во Косово во наредните пет години“.

- Границата е прашање на разделување на територија. Немаме земја некому да подаруваме. На таа земја е пролеана крв и ние немаме крв за простување. Во следните четири до пет години постојат шанси дека повторно ќе има војна, порача Курти од Тирана, протоа барајќи косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа да поднесат оставки.

Според него, како што јави дописникот на МИА, одлуката на Владата за повлекување на договорот за демаркација на границата од дневен ред на Парламентот, дошла под притисок на опозицијата, со што на Косово „му се спасени 8.200 хектари површина“.

- На 1 септември постигнавме голем успех, бидејќи спасивме 8.200 хектари. Со договорот на Тачи и Мустафа ние имаме нова граница, а не демаркација. Црна Гора посакува се подлабоко да навлезе на косовска територија за сопствени планови, смета Курти.

Тој нагласува дека договорот со Црна Гора е договор за капитулација на Косово и им се заблагодари на граѓаните за протестите.