Балкан
28. October 2015 - 10:20

Албанците од јужна Србија бараат забрана на српските учебници на Косово

Лидерите на албанските политички партии од јужна Србија побараа од косовските власти забрана за увоз на српски учебници.

Претседателот на Националниот совет на Албанците во јужна Србија, Јонуз Муслиу изјави дека нивното барање е одговор на фактот дека на царинскиот терминал во Прешево запленети се повеќе од сто илјади учебници на албански јазик, кои се подарок на косовското Министерство за образование за Бујановац, Прешево и Медвеѓе.

Се проценува дека учебниците од Косово вредат 200 илјади евра, а во Националниот совет на Албанците нагласуваат дека од Управата на царината се уште не добиле одговор кога училиштата ќе ги преземат запленетите учебници. 

Албанските ученици од 15 основни и четири средни училишта во Прешево, Бујановац и Медвеѓе вчера го бојкотираа првиот час од претпладневната и попладневната настава поради тоа што учебниците се уште стојат на царина. 

- Првиот час од наставата го бојкотираа повеќе од илјада ученици. Државата спроведува дискриминаторска политика кон младите Албанци од јужна Србија. Оневозможено им е школување на албански јазик, што е загарантирано со Уставот на Србија, домашните и меѓународните прописи и акти. Проблемот со години не се решава, бидејќи Владата во Белград не дозволува користење на учебници од Косово, рече Муслиу.