Македонија
5. јуни 2018 - 16:16

Алармантно: 18 бебиња болни од рак во една година во Битола, речиси 2.000 болни вкупно

Нема ден, а во Битола да не се слушне за некој дека заболел или починал од рак. Битолчани велат дека треба да се преземат работите в раце и самите граѓани да преземат нешто, но прво да се соочат со реалноста дека оваа болест почнува да го коси градот.

-Има многу луѓе ги познавав, а веќе заминаа, од рак. Не само некој кога ќе почине, да речеме почина од лошото, не сакаме ни да го кажеме зборот на таа болест. Треба самите луѓе кога гледаме дека е тежок еден таков процес да дојде до законска регулатива, ние треба сами да се организираме и да си помогнеме едни на други. Јас имам астма и ми смета, ме гуши, велат граѓаните.

Извештајот на Центарот за јавно здравје од Битола за состојбата со малигните заболувања регистрирани во здравствените установи на ова подрачје покажа загрижувачки податоци. Последните податоци се од 2016 година, а неоплазмите како причина за смрт со вкупна бројка од 382 умирања се на второ место после заболувањата на циркулаторниот систем. Од 2009 до 2016 година зголемена е и стапката на смртност од неоплазми, од 193.3 на 201.8.

-Од извештајот што го добивме има еден податок кој вели дека во Општина Битола бројот на починати е поголем од бројот на родени. Иако овие се стари податоци, за 2016 година, јас сметам дека дури и да ги добиеме новите податоци ќе бидат уште пострашни. Ние како советници и како Совет сметам дека мора да преземеме некаква иницијатива која ќе биде покрената на повисоко ниво, ние веќе таква иницијатива поднесовме во јануари, но беше одбиена од локалната власт, изјави Габриела Илиевска, советничка група „Поинаку“.

Според извештајот, за 2010 година имало 1291 лице вкупно лекувани од малигни неоплазми, додека во 2016 година 1701, за 410 повеќе. Она што загрижува е дека во извештајот се регистрирани и случаеви на мали деца заболени од рак. Во 2016 година во Битола во амбулантно-поликлиничката дејност регистрирани се 25 неоплазми кај деца до 2 годишна возраст, а малигни неоплазми кај 18 случаи.

„Од Центарот за Јавно здравје Битола не добивме изјава. Но во извештајот наведуваат дека регистрирани заболувања не значи и број на заболени. Елице заболено од некоја болест, може да направи посета во ординација кај лекар повеќе пати годишно. Тие регистрираат број на такви посети,односно заболувања, а не број на заболени лица“.

Од Општина Битола досега неколку пати потенцирале дека со гасификацијата ќе се реши еден од најгорливите проблеми на битолчани.