Македонија
8. јуни 2016 - 13:33

Ал Насер повика да запре говорот на омраза кон бегалците

Подобро разбирање на потребите на бегалците и запирање на говорот на омраза против нив во медиумите, како и менување на пристапот кон борбата против тероризмот се главните цели на кампањата која ја промовира Алијансата на Цивилизациите, изјави Насир Абдулазиз ал-Насер, висок претставник на Обединетите нации во оваа организација. Ал-Насер вчера говореше на панел конференција во Скопје, во присуство на неговиот домаќин, претседателот Ѓорге Иванов.

- Алијансата на Цивилизациите е алатка за таканаречена мека сила, формирана да придонесе кон мир во светот така што ќе се спротиставува на радикализацијата и поларизацијата и ќе поттикнува подобро разбирање меѓу кулуррите. Гледаме дека поларизацијата се зголемува и живееме во време на терористички напади, што укажува дека, за жал, работите не се сменија на подобро, и мисијата на Алијансата станува се поважна. Во изминатите години имавме агресивен пристап кон решавањето на проблемот на меѓународниот тероризам и се фокусиравме единствено кон мерки за безбедност. Денес разбираме дека, доколку сакаме да го запреме тероризмот и насилниот екстремизам, потребни ни се сосем поинакви пристапи и фокус кон образованието, изјави Ал-Насер, во своето обраќање на панелот организиран од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите, на кое присуствуваа претставници на верските заедници, студенти од Школата за млади лидери на претседателот Иванов и претставници на дипломатскиот кор во Скопје.

- Сите знаеме како мигрантите и бегалците се перцепирани во државите каде што добиваат засолниште и како ова влијае на нивната интеграција. Ја видовме реакцијата и стравот во многу држави кон бегалците. Ова чувство беше засилено преку медиумите, преку наративи на недоверба и омраза. Мораме да ја вратиме вербата меѓу заедниците, и затоа поттикнав иницијатива преку социјалните медиуми за да се запре ширењето на омраза и ксенофобија кон мигрантите преку медиумите, и да се подобри нивната интеграција во општествата каде што пристигнуваат, рече Ал-Насер. Според него, зголемената миграција може да биде и решение за проблемот на стареењето на населението во државите каде што бегалците доаѓаат, но претходно ќе биде потребно да се подобрат системите за интеграција и да се засили почитта за различните култури.

Истакнатиот катарски дипломат Ал-Насер на панел дискусијата, тој можеше да слушне за македонскиот модел на интеграција и соживот, како и да присуствува на заедничка ифтар вечера со претседателот Иванов. "Во услови кога светот се претвори во крв и колеж, ние решивме од Македонија да упатиме една порака, дека Македонија има што дам у даде на светот, на човештвото, а тоа е оваа слика, која ја претставува суштината на скопје и Македонија - како сите заедно, христијани, муслимани и Евреи, го отвораме ифтарот", изјави професорот Нуман Арух, ко-основач на фондацијата Алијанса на Цивилизациите во Македонија. Дарко Костадиновски, македонскиот пратеник во Алијансата на Цивилизациите, додаде дека Македонија е препознатлива по својот модел на интеграција во држава на разновидности.

Д-р Зоран Илиевски, претседател на одборот на Фондацијата Алијанса на Цивилизациите истакна дека доаѓањето на високиот претставник на ОН во нашата држава е несомнено препознавање на Македонија како симбол на вредностите на Алијансата. „Гостувањето на на нашата конференција како и работните состаноци помеѓу членовите на фондацијата, високиот претставник Ал-Насер и претставниците на верските заедници, цивилното општество, младите лидери и медиумите, најдобро ја истакнуваат суштината на партнерството помеѓу Алијансата на Цивилизации на ОН и Фондацијата Алијанса на Цивилизациите“, нагласи Илиевски.