Македонија
9. September 2020 - 8:53

Активни 1.895 случаи на Ковид-19 во земјава

Нови 99 случаи со Ковид-19 од 1.384 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се осум пациенти од кои двајца од Тетово (60 г. и 71 г.), еден од Делчево (78 г.), еден од Струга (63 г.), еден од Скопје (59 г.), еден од Дебар (52 г.) и двајца од Охрид (70 г. и 94 г). Регистрирани се 214 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 15.226, бројот на оздравени пациенти е 12.700, на починати е 631, а во моментов бројот на активни случаи во земјава изнесува 1.895.

Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 575, во Куманово 231, во Прилеп 139, во Гостивар 114, во Тетово 104…

Досега во земјава се направени 159.387 тестирања на Ковид -19.

На Инфективната клиника примени се осум пациенти. Вкупно се хоспитализирани 81 пациенти од кои на кислородна поддршка се 59, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се две деца и три мајки позитивни на Ковид-19, четири деца и три мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се четири пациенти. Вкупно хоспитализирани се 26 пациенти од кои на респираторна машина се седум пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 14, а во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 122, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Податоците за активни случаи по општини во Скопје покажуваат дека најмногу ги има во Аеродром – 99, по што следат Гази Баба – 72, Карпош – 63, Центар – 62, Кисела Вода – 57, Чаир – 55, Бутел – 36, Ѓорче Петров – 34, Шуто Оризари – 23, Студеничани – 17, Сарај – 16, Илинден – 11, Арачиново – 10, Сопиште – 4, Петровец – 4, Чучер Сандево – 2, Зелениково – 1, шест се странци, а тројца се нераспределени.

И покрај постојаните апели да се почитуваат мерките и протоколите за заштита, што ги донесе Владата за справување со Ковид-19, постојано се регистрираат нови случаи за нивно прекршување.

Последните податоци на Министерството за внатрешни работи за претходното деноноќие (7-8 септември) покажуваат дека на територијата на државата се регистрирани 445 прекршоци на мерката за неносење лична заштита на лице.