Балкан
5. July 2019 - 8:58

Активен шумскиот пожар на грчкиот остров Евија, превентивно евакуирани пет села

Цела ноќ противпожарната служба на Грција се бореше со огнените јазици во централниот дел на грчкиот остров Евија, откако кусо по полноќ се појавија две нови жаришта и превентивно беа евакуирани жители на пет села, а пет лица со проблеми со дишењето биле пренесени во болница, јави дописничката на МИА од Атина.

Големиот шумски пожар изби вчера во 14.15 часот по локално време и веднаш, превентивно беа евакуирани жителите на едно село, а географската положба во комбинација со високите температури го разгореле пожарот.

Кусо по полноќ, во исто време се појавиле две нови жаришта и биле превентивно евакуирани жителите на уште четири села.

Противпожарната служба на Грција соопштува дека се уште трае справувањето со огнените јазици од трите жаришта, а во гаснењето на пожарот учествуваат 175 пожарникари со 78 возила, 60 пожарникари од пешадиските единици, како и 20 пожарникари со 10 возила од специјалната противпожарна единица.

Од утрово, откако се раздени, четири авиони и три хеликоптери од воздух учествуваат во гаснењето на пожарот.

На противпожарната служба ѝ помагаат општината и полицијата со 12 цистерни со вода.

Противпожарните сили во текот на ноќта беа дополнително зајакнати со пожарникари од различни делови на Грција.

Од противпожарната служба на Грција, апелираат до граѓаните што се наоѓаат во поширокиот регион каде што изби пожарот да ги следат упатствата на надлежните.