Македонија
31. July 2016 - 10:45

Актер од Крива Паланка со награда од фестивал во Србија

Младите актери од драмското студио на Центарот за култура Крива Паланка учествуваа на Меѓународниот театарски фестивал на отворено „Варошко позориште Хистрион“ во Прокупље, Србија, од каде се вратија со меѓународно признание за најдобра главна машка улога, доделна на Јордан Велковски.
 
Во Конкуренција на седум реномирани српски театарски ансамбли од Алексинац, Ниш, Пожаревац, Белград и Прокупље, младиот Велковски ја освои наградата за најдобра главна машка улога во претставата „Огнена љубов“, која е адаптација на текстот „На игла“ од Владимир Ѓорѓевиќ.
 
- Драмата е адаптирана, со компилација на текстови, од Јосип Коцев, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, а селекторот, познатиот српски режисер и актер Душан Јовиќ, одлучи таа да биде дел од програмата на вториот театарски фестивал на отворено на „Варошко позориште Хистрион“ насловен „Бескрај на десет квадрати“. Задоволен сум од мојата екипа млади, надежни, актери од 14 до 18 години, а  има и неколкумина повозрасни членови, истакна Глигор Цветковски, режисер и раководител на драмското студио.
 
Наградениот актер Велковски, рече дека експресијата на емоции и неговото соживување со улогата што ја игра, Огнен, биле пресудни жири-комисијата и публиката да му ја доделат наградата.
 
Драмското студиото при НУЦК има 30-ина членови  кои во текот на годината се претставуваат со детски, новогодишни претстави, претстави за училиштата. Формиран е и прв ансамбл, петмина членови со долгогодишно искуство, кои ја подготвуваат претставата „Не играј на Англичаните“ со која ќе настапат на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ кој во септември ќе се одржи во Крива Паланка.