Балкан
12. February 2017 - 21:37

Ако не се кандидира Николиќ, Ивица Дачиќ ќе се кандидира за претседател на Србија

Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска пред новинарите дека ќе се кандидира за претседател доколку премиерот Александар Вучиќ одбие да учествува во претседателските избори, пренесе ТАСС.

Ивица Дачиќ, кој е лидер на Социјалистичката партија, го повика премиерот Вучиќ, лидер на Српската напредна партија, да донесе „рационала“ одлука за претседателски кандидат од редовите на владејачката коалиција кој ќе биде во можност да победи уште во првиот круг на изборите.

Со оглед на тоа дека сепак, според сите прогнози и анкети, во првиот круг може да победи само Вучиќ, Дачиќ повика да се објави токму неговата кандидатура и категорично изјави дека ќе го поддржи.

Ако сепак премиерот се откаже од борбата за претседателската функција, Дачиќ нема да ја поддржи кандидатурата на актуелниот претседател Томислав Николиќ или на некој друг од владејачката коалиција, туку самиот ќе се бори за функцијата шеф на државата.

- Тогаш ќе видиме кој кого ќе поддржи во вториот круг, рече Дачиќ.

Претседателските избори во Србија треба да се спроведат оваа пролет, но точниот датум се уште не е одреден.

Меѓу потенцијалните кандидати за шеф на државата се споменуваат Томислав Николиќ, кој има право на втор мандат, лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ и поранешниот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ.

Според српскиот устав претседателот се избира за период од пет години и не може да ја врши функцијата повеќе од двапати.