Македонија
17. August 2022 - 16:43

Ако не добијат одговор до крајот на август матичните лекари најавуваат нов штрајк

Нов протест или бојкот на работата со не примање на пациенти. Матичните лекари до крајот на август ќе чекаат одговор од здравствените власти дали ќе им бидат исполнети нивните барања  или како што велат ќе одат со порадикални чекори. Од ЗПЛРМ тврдат дека нема реални преговори со министерството и фондот во изминатите 6 месеци од кога прв пат протестираа и беа најавени работни групи.

  • Ние пред крајот на месецот ќе имаме УО на кој ќе одлучиме кои би биле нашите следни чекори ако ништо не се случи, ние сме побарале и од министерството и од фондот пред крајот на овој месец да најават дали ќе има покачување на капитациониот бод или ќе нема. Имаме зголемени трошоци, индустриска струја, колегите патуваат трошоците се зголемени, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Од ЗПЛРМ велат дека при ваква ситуација реално е капитациониот бод наместо сегашните 63 од државата за пациент да добиваат по 75 денари.

Покрај ова други меѓу другите клучни барања им се пациентите да се водат на ПЗУ, да се  поедностави режимот на пропишување на лекови, електронско здравство...

Од министерството за здравство пак одговорија дека работни групи биле формирани и активно работеле.

  • Работните групи се веќе формирани и активно работат во континуирана комуникација и координација со матичните лекари. Преговорите се уште траат и се разгледуваат сите барања доставени од оваа категорија лекари. Очекуваме заеднички да изнајдеме најоптимални решенија за унапредување на примарната здравствена заштита, велат од МЗ.

Но, не одговорија дали има простор за исполнување на барањата на матичните вклучително и повеќе пари од државата.