Свет
18. August 2016 - 11:13

АИ: Во сириските затвори починале околу 18.000 лица

Од 2011 до 2015 година во сириските владини затвори починале приближно 18.000 лица, објави Амнести Интернешенел, пренесе агенцијата Фена.

Во документот на оваа организација, под насловот „Крах на луѓето: Мачења, болести и смрт во сириските затвори“, се наоѓаат 65 интервјуа со преживеани жртви  на тортурата, кои зборуваат за злоставувањата во затворите и притворските центри.

Групата за човекови права апелира до светската заедница да изврши притисок врз Дамаск за прекин на мачењата.

Сириската Влада во континуитет ги негира овие наводи.

Амнести тврди дека повеќе од 17.723 лица починале во затворите ширум Сирија, што во просек изнесува 10 лица дневно. Секој од затворениците при доаѓањето во затворот бил мачен и злоставуван во рамки на „забавата за добродојде“ која ја подготвувале чуварите. Жените биле сексуално злоставувани.

- Кон нас се однесуваа како кон животни. Сакаа да ја уништат човечноста во нас. Видов крвта како тече како река. Никогаш не помислив дека човештвото може да се спушти на толку ниско ниво. Немаа проблем веднаш и да не убијат, изјави поранешниот затвореник Самир за Амнести.

Вториот затвореник Зиад изјави дека седум лица починале кога вентилацијата во зградата на разузнавачката агенција престанала да работи.

- Потоа не удираа за да утврдат кој е жив, а кој починал, рече тој.

Амнести наведува дека владата со децении користи насилство против сите оние кои имаат различно мислење или се противат на нејзината работа. Од тие причини таа апелира на што поитни разговори со САД и Русија, земјите кои помагаат во мировните преговори во Сирија.