Свет
31. May 2016 - 10:30

АИ: Во Авганистан 1,17 милиони луѓе ги напуштиле своите домови

Бројот на Авганистанци кои ги напуштиле своите домови поради судири во нивната држава е повеќе од двојно зголемен меѓу 2012 и 2015 година. Таа цифра сега е 1,17 милионо раселени лица, објави Амнести интернешнал.

Во 2010 година во Авганистан биле раселени 351.900, а 486.300 во 2012 година односно 1,17 милиони до крајот на минатата година.

– Во првите 4 месеци од 2016 година 118.000 луѓе ги напуштиле своите домови, предупреди АИ.

Борби се водат и во централниот и во северниот дел од државата каде беше стабилно во претходниот период. Заземањето на Кундуз на север во државата во минатата есен од страна на талибанците натера 13.000 семејства да го напуштат градот, додава во извештајот АИ.

- Бегалските кампови служат само за „преживување“. Луѓето секојдневно се присилени да преминуваат големи подрачја за да дојдат до вода и имаат големи тешкотии за секојдневно снабдување со храна, се вели во извештајот.

АИ ги потсетува властите и меѓународната заедница на нивната одговорност.

На Кабул му недостигаат средства и вештини за да покрене трајна и ефикаска политика и Министерството за бегалци и репатријација е „предмет на обвинувања за корупција со години“.

Што се однесува до меѓународната заедница, тие не интервенираа кога требаше, кога авганистанската Влада не беше во можност да ги исполни своите задачи, наведуваат од АИ. Според проценки, 2,6 милиони Авганистанци се вон границите на државата во која живеат околу 30 милиони луѓе.