Свет
24. February 2016 - 8:48

АИ: Човековите права се кршат во целиот свет

Забележен е подмолен тренд на поткопување на човековите права како последица на тоа што владите намерно ги напаѓаат, не ги финансираат доволно или ги игнорираат институциите создадени за заштита на човековите права, предупреди Амнести интернешнл. 

Според организацијата, човековите права практично се кршат во целиот свет. 

- Под закана се не само нашите права, туку и законите и системот, создадени да не штитат. Под закана се над 70 години напорен труд и човеков напредок, изјави генералниот секретар на меѓународната организација за заштита на човековите права, Салил Шети. 

- Краткорочните егоистични национални интереси и драконските мерки за безбедност доведоа до поткопување на човековите права во 2015 година без преседан, изјави Шети.

АИ ги повикува владите да пружат политичка поддршка и целосно да ги финансираат постоечките системи за зајакнување на меѓународното право и да ги заштитат правата на луѓето. 

Кршење на човековите права минатата година биле забележани од Венецуела до Египет, од Демократска Република Конго до Кина, вели Шети во Извештајот за состојбата на човековите права во 160 држави и територии во 2015 година.

Над 60 милиони лица лани биле протерани од своите домови, а најмалку 30 држави незаконски ги принудиле бегалците да се вратат во својата татковина, каде животите им биле под закана. 

Вооружени групи извршиле повреди на човековите права во 36 држави, додека воени злосторства и други кршења на военото право се извршени во најмалку 19 држави.

Најмалку 122 држави применувале измачување или друг вид малтретирање на луѓе. Најмалку 156 активисти за заштита на човековите права починале во затвори или се убиени, се вели во извештајот.

Вкупно 113 држави ја ограничувале слободата на говорот или печатот. Во 61 држава има политички затвореници, а во 55 отсто држави имало неправедни судски процеси.

Посебно се посочени Мјанмар и Бангладеш, држави кои дозволиле илјадници луѓе да бидат жртви на трговици со луѓе и да останат без храна и вода на отворено море. Стотици починале од глад и жед, додека „државите од регионот (на Југоисточна Азија) си играле пинг-понг со тие луѓе “, посочува АИ.

Организацијата упатува критики и до Европа, а најмногу до Унгарија поради реакцијата на мигрантската криза.

АИ упати осуда за убивањето цивили во Сирија, при напади со недозволено оружје и ја критикува опсадата на населени места и блокирање на меѓународна помош за луѓе, на кои им е потребна храна.

Во извештајот АИ наведува и позитивни примери во областа на заштита на човекови права – Мадагаскар, Фиџи и Суринам, кои ја укинале смртната казна, а се очекува оваа година тоа да го стори и Монголија.

Некои држави почнале со кампањи за укинување на детските бракови и прифатиле закони за признавање на еднополови врски, се посолува о извештајот.