Македонија
7. March 2017 - 11:38

АХВ да го провери квалитетот на медот во маркетите, бараат пчеларите

Пчеларите од Делчево и Македонска Каменица бараат Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да го испита квалитетот на увезениот мед кој се продава во маркетите за 200 денари. Воедно апелираат потрошувачите да не го купуваат зашто, како што оценуваат, се работи за фалсификат.

- Бараме АХВ да изврши проверка на медот кој според нашите сознанија во голем дел е фалсификуван. Тоа не е мед, тоа се сахариди со примеси од што најмногу страдаат граѓаните. Цената, пак, од 200 денари му конкурира на нашиот домашен мед кој е чист и вистински и кој луѓето го употребуваат за здравје. Оттука, штетата е двострана, и на сметка на потрошувачите и на производителите, вели претседателот на Здружението на пчелари „Пијанечка пчела“ од Делчево Јован Медарски.

Според претседателот на Здружението на пчелари од Македонска Каменица Боге Јанковски, со увозот на медот се поттикнува нелојална конкуренција.

- Апелирам граѓаните да не го купуваат медот од маркетите, бидејќи тоа не е мед и не може да се споредува со нашиот планински мед каде пчелите имаат паша на чиста територија. Лани малопродажната цена на медот беше 240 денари, а годинава со овој увезен мед цената падна на 200 денари, рече Јанковски.

Во регионот на Делчево и Македонска Каменица има околу 150 пчелари кои чуваат околу 2.000 пчелни семејства.