Македонија
22. November 2022 - 16:33

Ахмети не негира дека е во игра ДУИ да отстапи две министерства за Алијанса

Партиите кои делат исти вредности се добредојдени за влез во владата вели премиерот Димитар Ковачевски. Откако потврди дека влезот на Алијанса во владата е се поизвесен, Ковачевски внимателен во споделувањето на информации. Преговорите биле во почетна фаза и поделбата на владиниот колач се уште не се договарал.

Првиот интегративец Ахмети на одбележување на денот на албанската азбука не ја негира информацијата дека неговата партија е подготвена на отстапки во најмалку две министерства. Во оваа фаза било рано за такви информации.

Влегувањето на Алијанса ќе биде потврда за стабилно мнозинство кои треба да обезбедат пат и за менување на Уставот, категорични се и Ковачевски и Ахмети.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак му испрати порака на мнозинството дека нема да дозволат менување на Уставот. Побараат итно формирање техничка влада и предвремни парламентарни избори на пролет.

Иако јавно не излегуваат со став , од Алтернатива веќе му испратија порака на Ковачевски за да го потсетат на нивните услови за коалицирање. Партијата на Гаши би била ставена во незавидна позиција во коалицијата доколку се исполнат најавите за преземање на министерството за здравство и информатичко општество од страна на Алијанса.