Бизнис
9. August 2020 - 16:38

Агенциите и Министерство за економија поделени, може ли ваучерот од агенциите да се искористи во земјава

Може ли ваучерите од пропаднатите уплатени аранжмани да се користат и во Македонија? Министерството за економија и туристичките агенции со различни одговори по ова прашање. Од Економија велат дека ваучерите, издадени како замена за уплатените пари за патувања кои беа откажани поради пандемијата, може да се користат и во Македонија, доколку агенцијата што ги издала има аранжмани во земјава.

“Во уредбата е наведено дека ваучерите се користат за аранжмани, за кои се согласни двете страни (Агенција/Клиент). Доколку агенциите нудат аранжмани за Македонија, истите може да ги користат и луѓето кои имаат ваучер. Во моментот неколку агенции веќе ги известиле своите клиенти и истите се искористени”, информираат од Министерство за економија.

Но, дел од туристичките агенции го тврдат спротивното. Велат дека се работи за веќе уплатени пари за конкретни аранжмани и затоа ваучерите не може да се искористат во земјава.

“Тоа не може од причина што агенциите не ги чуваат средствата кај себе. Агенциите ги имаат уплатено средствата за дестинацијата за која што уплатиле луѓето. Значи, за таму сме имале фиксен закуп. Тој фиксен закуп нас ни се префрла за догодина. Затоа и клиентите во договор со организаторот ги користат средствата само за тоа што е организација бидејќи, да се разбереме, ние Охрид, Дојран, Берово, Маврово и слично ги работиме за обична провизија”, вели Ана Марија Алексова, сопственичка на туристичка агенција.

Туристичките работници, кои се меѓу најпогодените од пандемијата, велат дека се на работ на егзистенцијата. Децидни се дека ако не добијат помош од државата повторно ќе излезат на улица.

“Нема никаква математика за ништо ние да реализираме, доколку имаме само 50% исполнетост на автобусите. И втората работа за платата за јули. Значи, сите туристички агенции имавме незначителен промет во текот на јули месец. И сега, на 15-ти ќе бидеме блокирани дека треба да пушти плата. И таа помош ни е потребна и сметаме дека ја заслужуваме заради тоа што, како дејност, сме придонесувале со години во буџетот на оваа земја. Така да, од таа причина државата во овој момент треба да има одговорност спрема нас, за да опстоиме, а ние ја имаме одговорноста спрема нашите граѓани, исто така, да опстоиме за тие да може да патуваат и да не им пропаднат ваучерите”, вели Ана Марија Алексова, сопственичка на туристичка агенција.

Инаку, утре истекува рокот за туристичките агенции кои сакаат да работат со ваучерите за домашен туризам, да се регистрираат на платформата “Дома си е дома”. На тој начин освен сместување на граѓаните кои добија такви ваучери, како државна помош, агенциите ќе може да им понудат и други услуги, како превоз, екскурзии, водичи, прошетки и слично.