Македонија
21. July 2019 - 16:09

Аеродромци на протест - не прифаќаат зависниците да се лекуваат во Јане Сандански

Не сакаме да наоѓаме шприцеви и игли во дворовите и постојано да бидеме во страв, како што со години со овој сериозен проблем живеат граѓаните во Кисела Вода. Со децата за рака, жители на Аеродром преку протест ја испратија оваа порака до здравствените власти дека не сакаат дел од зависниците на метадон да бидат префрлени во поликлиниката Јане Сандански.

- Ова е една бомба фрлена во Аеродром, во една од најнаселените населби и ова не е решение.

-Тој проблем што го имаат во Кисела Вода со шприцеви и игли што наоѓаат, кој ќе гарантира дека нема да се случува истото. Ова е само ад хок решение што решава еден а создава поголеми проблеми.

-Имам малолетни деца, живееме на 50 метри од поликлиниката и како пациент на клиниките сум гледала како земаат терапија и шро прават и се плашам. Да и тие се за жал зависниците и тие се нечии деца, но не овде,

Жителите од Аеродром порачаа дека покрај поликлиниката има две градинки, основни училишта и околу 30 згради и побараа од надлежните да не размислуваат таму да прават центар за зависности. На протестот кој го организираше граѓанската иницијатива Гласот на Аеродром, беше и поранешниот градоначалник, кој како жител на општината е против ваква одлука.

-Во најмала рака оваа одлука е скандалозна, објективно ќе се реши во Кисела Вода но ќе се префрли проблемот на три други места. Тоа секојдневие што го има во Кисела Вода да нес е префрли кај нас. Ако се опстои на оваа идеја, масовноста ќе се зголемува од ден на ден, вели Ивица Коневски, поранешен градоначалник на Аеродром.

Протестирајќи против одлуката на Филипче, дел од граѓаните и со креативни предлози до министерот како може да најде решение со што ќе бидат спасени и жителите во Аеродром, но и во Кисела Вода кои две децении мака мачат со зависниците во Центарот.

-Има на Водно напуштени објекти, во Катланово, треба само да ги пренаменат.

-Надвор од градот, или, пак, патронажна служба која ќе оди кај зависниците и ќе има и увид како живеат и каде.

Иако министерот за здравство неодамна изјави дека дисперзија е најдобро решение и освен во поликлиниката во Аеродром, ќе има центар и во Ченто, ГОБ 8-ми септмеври и болницата во Бардовци, по денешниот протест повторно ќе преговара со локалните власти. Филипче за Сител потврди дека утре има средба со скопски градоначалници и невладини организации за проблемот со Центарот за зависности.

Децентрализирано лекување на зависности е пракса која со години се спроведува во многу европски земји но бројот на центри е огромен - во Германија како пример зависниците можат да примат терапија на 1094 локации а во Италија на 981.