Македонија
10. March 2017 - 17:16

Адвокатот на Кочан тврди дека тој е слободен граѓанин - Бошњаците одлуката за притвор ја примија како наппад врз заедницата

Ниту бизнисменот Сеад Кочан, ниту неговата одбрана не се известени за одлуката на кривичниот совет за определување мерка притвор. Адвокатот Никола Додевски вели дека информацијата ја прочитале во медиумте, бидејќи решението не им е доставено и не е објавено на официјалната страница на Кривичен.

Крајно невообичаено е на одбраната и на обвинетиот да не им се даде решение за притвор, а да им се даде на медиумите информација, но не од Судот, бидејќи Судот објавува официјални информации на веб-страницата за тоа што се случува. Кој ја дал информација, можеби вие можете да ми објасните. Додека не се достави решение на обвинет, на одбрана, Сеад Кочан е слободен граѓанин на оваа држава и може да си ги извршува сите свои активности - вели Додевски.

За разлика од одбраната пак, Специјалното обвинителство е информирано за одлуката, но решението не им е доставено ниту на нив. Катица Јанева потврди дека информацијата ја добила лично од судијката која ја уважи жалбата за определување притвор на Сеад Кочан, кој е осомничен во последна истрага на СЈО.

Од телевизијата НОВА, која е во сопственост на Сеад Кочан во редакциски коментар велат дека зад одлуката за притвор не постојат правни образложенија, туку политичка мотивираност. Преку Специјалното обвинителство, СДСМ се пресметува со медиумите кои не се под директна контрола на Бихачка.

Освен немањето на правен основ, ова може слободно да се толкува како атак на СЈО против медиумите, бидејќи меѓудругото, Кочан е сопственик и на телевизијата ТВ НОВА преку што се сака да се изврши политичко влијание и порака на СДСМ преку СЈО до медиумите, пишува ТВ НОВА.

Со одлуката за притвор на Сеад Кочан се врши директен удар врз бошњачката заедница во земјава смета Зекир Рамчиловиќ. Според претседателот на партијата на Бошњаците во моментов се спроведува добро осмислено сценарио за дефокусирање на јавноста од прифаќањето на тиранската платформа. Кочан е претседател на Здружението на Бошњаците во Македонија и долгогодишен застапник и поборник за нивните права, заедница која јавно ја осуди платформата платформата на СДСМ и ДУИ, која е основа на нивниот коалициски договор.

 -Сеад Кочан освен како успешен бизнисмен и сопственик на медиум е Бошњак, којшто е активно вклучен во подобрувањето на статусот на Бошњаците, како и многу други хуманитарни активности и манифестации, дури и надвор од Македонија. Ќе има многу реакции, нема да има селективна правда во Македонија, изјави Рамчиловиќ и додаде дека сите активности во судството, особено, работата на Специјалното јавно обвинителство мора да се преиспира и да се стави крај на нарачаните обвиненија.

Судија на претходна постапка минатата недела го одби барањето на СЈО за определување мерка притвор за првоосомничениот во Труст, додека дел од медиумите вчера објавија дека кривичниот совет ја прифати жалбата на обвинителството на Јанева. Одбраната оваа одлука има право да ја обжали пред апелација.