Свет
4. May 2016 - 13:27

Абу Сајаф емитуваше видео снимка со заробениците за кои бара откуп

Тројца заробеници, киднапирани од филипинската милитантна исламистичка група Абу Сајаф се појавија на видео снимка-порака, на која ги молат владите на Канада, Норвешка и Филипини, чии се државјани, да ја платат откупoт што за нивното ослободување ја бараат нивните киднапери.

На видео пораката тие велат дека ако не се плати откупнината тројцата ќе бидат ликвидирани, онака како што тоа му се случи на Канаѓанецот Џон Ридсдел, чија отсечена глава беше најдена пред девет дена.

Абу Сајаф претходно бараше од земјите од каде се заробениците, откуп од десетици милиони американски долари.

Канада и Филипините веќе соопштија дека нема да има преговори со киднаперите ниту дека ќе плаќаат откуп на терористички групи. Владата во Манила во меѓувреме започна нова воена офанзива против групата.

Ридсдел беше киднапиран во септември 2015 година, од една марина близу до градот Давао, заедно со уште ден Канаѓанец Роберт Хол, неговата партнерка Филипинка и Норвежанецот Кјартан Секингстад.

Сите беа префрлени на оддалечниот остров Џоло, каде на 25 април беше ликвидиран Ридсдел. Островот важи за силно упориште на групата.

Абу Сајаф е исламистичка група, која беше блиска до Ал Каеда, а сега тврди дека е филијала на Исламска држава (ИД) во тој дел на југоисточна Азија.

Покрај овие тројца заробеници прикажани на видео пораката, групата држи кај себе и седум Малезијци и десетина Индонезијци, сите грабната од еден брод, како и еден Холанѓанец, истражувач на ретки видови птици.