Кошарка
27. September 2016 - 10:31

АБА лига: Радоњиќ го фали МЗТ

Тренерот на кошаркарите на Црвена ѕвезда, Дејан Радоњиќ, оценил дека македонскиот шампион МЗТ составил квалитетен тим кој ќе се бори за висок пласман во АБА лигата.
 
Црвена ѕвезда изминатиот викенд учествуваше на турнир на грчкиот остров Крит, со кои ги заврши подготовките за новата сезона, во која ќе ги брани титулите во домашното првенство и во АБА лигата.
 
На Крит „црвено-белиот“ тим загуби од Олимпијакос, а го совлада тимот на Хапоел од Ерусалим.
 
Новата сезона, Црвена ѕвезда ќе ја отвори в петок, кога во првото коло во АБА лигата, ќе го пречека МЗТ.
 
„МЗТ беше многу активен во преодниот рок и успеа да формира многу квалитетен состав кој во Еврокупот, а особено во АБА лигата ќе има значајна улога и ќе се бори за висок пласман. Веќе на стартот во АБА лигата ќе се соочиме со добар искусен противник“, рекол Радоњиќ.
 
Натпреварот Црвена ѕвезда-МЗТ в петок ќе започне во 19 часот.