Кошарка
6. December 2015 - 10:43

АБА лига: МЗТ Скопје домаќин на евролигашот Цедевита

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечер 19 часот ја пречекуваат екипата на Цедевита со чиј дуел се заокружува првиот дел од сезоната во АБА лигата. МЗТ Скопје е во лоша серија од пет последователни порази во регионалното натпреварување,додека евролигашот Цедевита е во самиот врв на табелата, па во оваа средба влегува како голем фаворит.
 
- На гости ни доаѓа еден од главните фаворити за највисок пласман во АБА лигата. Склопија одличен состав кој е комбинација на домашни кошаркари и играчи кои доаѓаат од САД, кои се и со НБА искуство. Играат навистина добро, а доказ за тоа се четирите победи во Евролигата како и пласманот во горниот дел од табелата во регионалното натпреварување. Ќе мораме да одиграме многу подобро, поборбено и попаметно доколку сакаме успешно да парираме на фаворизираниот состав на Цедевита, изјави тренерот на аеродромци  Алеш Пипан.
 
Тежок дуел очекува и најдобриот играч на македонскиот шампион Ѓорѓе Дреновац.
 
- Сигурно е дека ни престои еден тежок натпревар против квалитетна евролигашка екипа. Доколку сакаме да се оствари позитивен резултат, секој од нас ќе мора да одигра над своите можности. Ова е прилика за нас против една од најквалитетните екипи во регионот да покажеме дека кризата е зад нас и дека ќе се вратиме на правиот пат во вториот дел од сезоната во АБА лигата, изјави Дреновац.
 
Цедевита досега има биланс 9-3 (победи-порази), а МЗТ (4-8).
Води Будуќност со 11-2 (победи-порази), пред Црвена звезда, Цедевита и Мега Лекс со 9-3.