Македонија
28. April 2017 - 16:33

83 лица побарале лекарска помош по вчерашното насилство во Собранието

Скршеници, набиеници и посекотини се само дел од повредите на осумдесетината лица кои синоќа побарале лекарска помош по инцидентите во Собранието. Тројца поради сериозноста на повредите биле хоспитализирани на КАРИЛ. Меѓу нив е и пратеникот Зијадин Села кој на одделот за реанимација и интензивно лекување бил примен со тешки повреди на главата, лицето и градниот кош. По стабилизирање на состојбата денеска го префрлиле на Неврохирургија.

- Неговата здравствена состојба е стабилна и не е во животна опасност. Уште двајца пратеници, меѓу кои и Радмила Шекеринска, беа донесени во Ургентниот центар со полесни телесни повреди и потоа се пуштени на домашно лекување. , и во Ургентниот центар лекарска помош побарале 28 повредени, изјави Реџеп Селмани директор на ТОАРИЛУЦ .

Селмани вели дека  на болничко лекување има уште тројца потешко повредени кои се сместени на пластична, неврохирургија и трауматологија. Во синоќешните инциденти, со повреди завршиле и триесетина припадници на безбедносните сили, кои според лекарите по третманот биле пуштени на домашно лекување. Најмногу работа имале во Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски, која е во непосредна близина на Собранието. Во функција биле четири ургентни амбуланти. Таму помош побарале 48 лица, од кои кај еден е направена и хируршка интервенција.

- Од нив хоспитализирани беа шест лица. Доминираа повреди на главата, на вратот, а во подоцнежните часови имаше повреди од шок бомби-со посекотини. Сите пациенти се во стабилна општа состојба. Од нив четворица изутрината се пуштени на домашно лекување. Остануваат двајца од кои едниот кој има повреда на ахилова тетива најверојатно ќе биде задржан уште некое време, изјави Јасминка Чабуковска, директор на  Универзитетска клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

Седуммина завршиле и во ГОБ 8-ми семптември, кои по амбулантскиот третман биле пуштени дома. Во функција беа и екипите на Брза Помош, кои до здравствените установи транспортирале 17 повредени.